ПОЗДРАВ ДО МАЈКА МИ

Во виорот на војната 2001
 Проштален е молкот во немоќ
да се исплачеме,
ветрот,тој див речен ветар
ја растргал мрачната завеса
на ѕвездена вечерница,
меѓу мене и твојот избледен лик.
Црковното Ѕвоно ја растреперува
болката вклештена меѓу
бршлените во Горноречие,
мачна и тешка е самотијата
кога нема кој да и' запее свадбарска
во мајкина прегратка.

Ти пуштам поздрав со солза
расплакана,
поздрав носен на гласот
од времево смуртено,
со смрачено чело,згрчени усни,
душава треперлива
задишениов воздух,
мачнина ми се.
Ѕвездо моја ти што ми го
осветли патот,
не стигнав да ти кажам
колку многу те сакам,
не стигнав на време
да ти ги бакнам рацете
топлина што зрачат.
Прости ми, знам колку сум грешен
сите гревови ќе ги понесам,
претежок товар да ми се.
Прими го поздравов и тој
премалку е,
за твојата неутешна
тага, таговна,
примиги цветовиве брани
во мирисни ливади,
ќе овенат дури стигнат
до твоите уморни расплакани очи,
ќе остане мирисот на
мојот нескротен здив,
прими го со сета твоја добрина
на гради да почива
мојата изгубена сенка.
Прими го поздравов
како утеха на нашето
ветрометно минато,
дете бев и тогаш не знаев
да те сакам,
спомените во длабок сон заспани
во мисливе матни.
Каде и да се свртам
ден ли е,или ноќ,
гласот твој ме прогонува,
се гледам во огледалото
на мојата безумена мисла,
се прибирам
ете сонот пак вечерва ме прогонува.
Растргнат сум меѓу овие
недогледни планини,
задишен во мене
со треперливи прсти
го напишав прошталното писмо,
понеси го со себе
во скрушена тишина
прочитај го,
кога ангелите ќе те
воскреснат,
сетисе на мене,
знај кај тебе итам
со песната на белата смрт.


Автор: Живко Деспотоски


Macedonian timeline

Comments

  1. Стихови,разбранети по просторот, носени во пазувите топли,осветлени со звесдите,замаглено со солзите,а успомените живи кој живеат и во вечноста на песната.... Ѕвездо моја ти што ми го
    осветли патот,
    не стигнав да ти кажам
    колку многу те сакам,
    не стигнав на време
    да ти ги бакнам рацете
    топлина што зрачат......многу топол поздрав Живко.

    ReplyDelete

Post a Comment